ФУДБАЛ

Реал Мадрид за прв пат оваа сезона не постигна гол

Фудбалерите на Реал Мадрид ремизираа со Виљареал (0:0) во натпреварот од седмото коло во шпанската Ла Лига.

Реал постигна пет победи и едно реми во првите шест кола, а второто реми дојде вечерва во дуелот со Виљареал, кој успеа да ја зачува мрежата на „Сантијаго Бернабеу“.

И Жолтата подморница имаше свои шанси, особено во првото полувреме, додека главно најмногу шанси беа создадени пред голот на гостите, но Карим Бензема, Винисиус и остатокот од тимот на Реал овој пат не најдоа начин да постигнат гол.

Она што ги теши навивачите на Реал е фактот дека и по седум одиграни кола нивниот тим е непоразен, и дека сеуште е на врвот на табелата со 17 бода. Иако, треба да се има предвид дека ова е прв натпревар оваа сезона во кој Реал не постигна гол.

Кралевите во вторник ќе го пречекаат Шериф од Тираспол во натпреварот од 2.коло во Лигата на шампионите, а потоа, за викендот, ќе го пречекаат Еспањол во осмото коло од Ла Лига, пред новата репрезентативна пауза.

Вечерашниот ривал гостува кај Манчестер Јунајтед во Лигата на шампионите, а шампионатот продолжува со домашен натпревар против Бетис.

 

ПОВРЗАНО

Ла Лига