ФУДБАЛ

Реал планира еден трансфер ова лето, но вреден 150 милиони евра

Познатиот шпански новинар Хосеп Педрерол објави дека Реал Мадрид ќе купи само еден играч до почетокот на сезоната.

Според новинарот од „Ел Чирингита“, Кралевите ќе потрошат 150 милиони евра за доведување на францускиот репрезентативец Килијан Мбапе.

Во сенка на еврото, Мадрид се подготвува за нова сезона во која сакаат да освојат нешто откако ја завршија претходната сезона без ниту еден трофеј.

Претседателот Флорентино Перез планира да направи силен тим, но ова лето, наводно, има намера да донесе едно, но вредно засилување, а тоа треба да биде талентираниот голгетер на ПСЖ.

Мбапе моментално има договор со ПСЖ до летото 2022 година и сè уште го нема обновено, па затоа е подготвен да преговара со други тимови во јануари, но Реал нема трпение и сака да го потпише ова лето. Се верува дека понуда од околу 150 милиони би била сосема доволна за парижаните да го ослободат својот прв стрелец.

Мбапе се приклучи на ПСЖ од АС Монако во 2017 година. Французинот ја помина својата прва сезона на позајмица, а потоа потпиша четиригодишен договор со клубот.

Во претходната сезона, Мбапе одигра 47 натпревари, на кои постигна 42 гола и имаше 11 асистенции, додека на ЕУРО 2020 тој потполно потфрли и не постигна ниту еден гол, а Франција загуби од Швајцарија во осминафиналето со промашен пенал од Мбапе.