ФУДБАЛ

Реал со тешкотии помина понатаму, а Анчелоти потоа „удри“ по челниците на шпанскиот фудбал (ВИДЕО)

Реал Мадрид синоќа со тешкотии избори пласман во четвртфиналето на Купот на кралот.

Во многу возбудлив натпревар, на Реал му беа потребни 120 минути да го совлада Елче, а херој е Еден Азар.

Искусниот Марсело мораше да биде надвор од теренот во првото продолжение. Во 102. минута доби црвен картон, а само минута подоцна Елче дојде во водство. Погоди Гонзало Верду за 1:0.

Славјето на домашните не траеше долго. Иско го одби ударот на Себаљос во 108. минута и топката заврши во мрежата за 1:1.

На четири минути до крајот на продолжението, Кралевите доаѓаат до победата. Еден Азар ѝ побегнува на одбраната на Елче, го заобиколува голманот и погодува за победа од 2:1 и минување на Реал во четвртфиналето.

По натпреварот тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти распука врз владетелите на шпанскиот фудбал.

„Распоредот е бесмислен и мора да се промени. Челниците на Шпанската фудбалска асоцијација мора да сфатат што прават“, рече Анчелоти, додавајќи им на хероите Иско и Азар:

„Овој натпревар може да промени многу што се однесува до нив. Можеби требаше да играат повеќе досега, но не можеме да го промениме минатото. Сега знам дека можам да сметам на нив“.

Следниот натпревар Реал Мадрид повторно го игра против Елче во Примера, а во четвртфиналето на Купот на кралот ќе се сретне со Атлетик Билбао кој синоќа ја исфрли Барселона.