Герет Бејл ќе биде слободен играч на крајот на овој месец бидејќи му истекува договорот со Реал Мадрид.
Бејл мина девет сезони во Кралскиот клуб и успеа да освои се што можеше, но претходните години не уживаше премногу затоа што беше на мета на навивачите кои го исвиркаа речиси на секој натпревар.
На крајот, челниците на Реал решија да не му понудат нов договор на Велшанецот и дека најдобро е Бејл да ја продолжи кариерата во друг клуб.
Веќе неколку недели се шпекулира каде би можел да игра Бејл следната сезона. Шпанските медиуми објавија дека неговата цел е да остане во Шпанија, и дека наводно преговара со Атлетико Мадрид, но тоа е демантирано.
Претходните денови многу се пишуваше за тоа дека Бејл реши да се врати во Англија, а на маса има неколку интересни понуди.
Како што објави Телеграф, Бејл моментално има најконкретна понуда од Астон Вила која му нуди тригодишен договор. Астон Вила е решена да го доведе Бејл и доколку успее навистина ќе има одличен тим за новата сезона.
Самиот Стивен Џерард им порача на клупските челници дека Бејл ќе биде големо засилување и дека имаат одлична можност да го доведат бидејќи му истекува договорот и тој ќе биде слободен играч за помалку од две недели.
Познато е дека Астон Вила неодамна потврди дека го откупила договорот на Филипе Кутињо, а доаѓањето на Бејл би било уште една фантастична работа за клубот од Бирмингем.
Исто така, покрај Астон Вила, искусниот Велшанец од Англија се уште има понуди од Њукасл и Тотенхем и ќе биде интересно да се види што ќе одлучи на крајот и за кој клуб ќе потпише.