ФУДБАЛ

Револтираниот Лапорта за срамот на навивачите на Барселона: „Клубот не е виновен, ќе покренеме постапка“

Барселона синоќа доживеа вистински срам и на теренот и на трибините.

Каталонскиот великан беше понижуван од Ајнтрахт до 90. минута од натпреварот. Гостите од Франкфурт имаа предност од 3-0, а Барса успеа да постигне два гола во судиското надополнување и да го подобри впечатокот.

На трибините се виде уште една срамота. Навивачите на Ајнтрахт целосно ги надгласија домашните навивачи. Повеќе од 30.000 од нив се појавија на „Камп Ноу“, а се покажа дека навивачите на Барселона им продаваа билети на противниците.

Во Барселона се бесни поради тоа. На јавноста и се обрати претседателот на клубот Жоан Лапорта кој рече дека се срами и најави санкции.

„Овде се случија две неправилни работи. Купените билети завршија во рацете на Германците, а дел од сезонските билети паднаа и во нивни раце“, рече Лапорта и додаде:

„Клубот не е виновен. Ние го организиравме натпреварот, а ќе поведеме постапка за тоа што се случи. Се срамиме. Не продававме билети на германските навивачи“, истакна претседателот на Барселона и потоа посочи одредени бројки:

„Имаше 34.440 билети во продажба под одредени услови. Никој не можеше да купи билет со германска кредитна картичка. Имавме голем број ограничувања, а тие билети беа во третиот ред на стадионот кој беше целиот во бело.

На крајот, заклучи Лапорта.

„Германците ги набавиле билетите незаконски. Исто така, од 37.746 сезонски билети регистрирани вчера, многу завршиле во рацете на германски навивачи. Само 5.000 им биле продадени од клубот“, истакна Лапорта.