ФУДБАЛ

Резултатот од Лондон по мерка на навивачите на Ливерпул, најдоброто од Премир лигата допрва доаѓа

Манчестер Сити беше многу посилен од Кристал Палас на Селхарст Парк во Лондон, но не успеа да постигне гол.

Дуелот помеѓу Палас и Сити заврши со непопуларен резултат 0:0, што секако никогаш не го очекувате во натпреварите на една од најефикасните селекции во светот.

Граѓаните создадоа неколку добри шанси, доминираа во текот на сите 90 минути, особено во препознатливиот посед на топка, но едноставно немаше конкретна завршница за да се дојде до важна победа.

Ова 0:0 одговара на Кристал Палас, а особено на Ливерпул, кој моментално заостанува четири бода, со натпревар помалку. Така, црвените добија шанса целосно да се вклучат во борбата за титулата, а до пред неколку кола предноста на Граѓаните на табелата беше многу поубедлива.

Следниот натпревар во Премиершип, Сити на Пеп ќе го одигра на 2 април кога ќе игра против Барнли, додека „црвените“ го чекаат преостанатиот меч со Арсенал во Лондон за два дена.

Во случај гостите да победат, на девет кола до крајот ќе имаат само бод заостанување, што на сите ќе ни го пружи вистинското задоволство да ја гледаме најатрактивната фудбалска лига во светот.