Лионел Меси ќе го напушти Пари Сен Жермен на крајот од сезоната. Во ПСЖ сакаат да се ослободат од еден од тројцата напаѓачи, а меѓу Килијан Мбапе, Нејмар и Меси изборот падна на аргентинскиот гениј. Единствената шанса тоа да се смени е катарските сопственици на клубот да размислат за продолжување со него како приоритет и притоа да не штедат на понудата што треба да му ја дадат.
Ова го наведуваат француските медиуми, а најдалеку во своите прогнози оди RMC, кој прв ја објави неверојатната вест дека Меси ќе ја напушти Барселона и ќе се пресели во Париз во летото 2021 година. Токму тоа француско радио наведува дека брзата понуда од сопственикот на клубот е единствениот начин што може да го омекне односот на Меси, но истакнува дека и во тој случај неговиот престој не би бил загарантиран.
Меси во последните денови се поврзуваше со враќање во Барселона, за што зборуваа дел од играчите на клубот, како и претседателот Жоан Лапорта. За тоа да се случи Барселона мора да ги среди финансиите.
