Група родители и членови на семејствата на навивачите на Динамо од Загреб, приведени во Атина по конфликтот и убиството на 29-годишниот Грк, побараа од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ да го искористи своето политичко влијание за да ја обезбеди нивната безбедност и правично судење.
„Бараме од вас да го искористите политичкото влијание на вашата канцеларија за да имаат правично судење и третман што ги штити нивните човекови права до највисока мера“, се вели во писмото.
Родителите и членовите на семејствата на приведените навивачи изразија страв дека приврзаниците на Динамо по распитот ќе бидат префрлени во 16 различни затвори, каде стравуваат од одмазда од разни навивачки групи.
„За безбедноста на нашите притворени млади момчиња, неопходно е тие да останат заедно во затворот, изолирани од другите затвореници. Во спротивно, речиси е сигурно дека, заедно со страшната и непотребна загуба на животот на еден млад Грк, за што изразуваме најдлабоко жалење, ќе има уште поголема трагедија, одмаздата на грчките навивачи и на крајот, дополнителна ескалација на конфликтот“, се наведува во писмото.
Родителите предупредуваат и за извештајот на Советот на Европа, односно неговиот Комитет за спречување на тортура, нечовечко постапување и казнување од 2022 година, кој силно ги критикува пренатрупаноста, корупцијата на чуварите, тепањето, па дури и убиствата на затвореници во грчките затвори.
„Ние сме целосно свесни дека членовите на нашите семејства мора да одговараат за делата што ги направиле, но потребно е да не се третираат како убијци, што според досега познатите факти не се“, наведуваат во писмото до Пленковиќ.
Оттаму додаваат дека освен опасност од евентуална одмазда во грчките затвори, притворените навивачи се соочуваат и со медиумска хајка и наведуваат дека објавувањето на лични податоци до медиумите го сметаат за отворен повик за линч.
„Сакаме да ве информираме дека нивните лични имиња, заедно со имињата на нашите родители, матичните броеви и градовите каде што се издадени, се појавија во грчките медиуми. Во исто време, сите имиња на грчките затвореници беа пречкртани за да не бидат видливи. Објавена е и личната карта на 19-годишен млад човек со наводот дека е убиец на Грк, иако нема никаква врска со убиството“, се наведува во писмото.
Група од 98 хрватски државјани се товарат за 11 кривични и прекршочни дела, а посебен акцент е ставен на истрагата за убиството на 29-годишниот навивач на АЕК.
