Вечерва во натпреварот од 31. коло на Серија А, Рома како гостин славеше против Сампдорија минимално со 1:0.
Рома игра одлично во последно време, а добрата форма ја потврди и на гостувањето во Џенова против Сампдорија, каде на Римјаните им беше доволен еден гол за три бода.
По вечерашната победа Рома го прескокна Лацио и го зазеде 5. место со 54 бодови. Римјаните сега заостануваат пет бода зад Јувентус, кој има и натпревар помалку, а Лигата на шампионите станува следна цел на тимот на Жозе Мурињо. Прашање е дали е реално овој тим да стигне до првите четири места, но на седум кола пред крајот се е можно.
Што се однесува до натпреварот во Џенова, голот на одлука падна во 27. минута. Ерменецот Хенрих Мхитарјан ги постави конечните 1-0, а по тој гол Рома најмногу се базираше на одбрана на својот гол и успеа во тоа.
Сампдорија речиси и да не се закани сериозно во 90 минута, додека Рома покрај голот имаше уште две-три конкретни шанси.
По обврските во Европа, Рома ќе има дуел со Салернитан на домашен терен и тоа ќе биде добра можност да продолжи со добри игри и победи. Сампа од друга страна оди во посета на Болоња.