ФУДБАЛ

Ромелу Лукаку сериозно понижен

Менаџерот на Челзи, Томас Тухел, одлучи да го изостави Ромелу Лукаку од натпреварот против Ливерпул.

Челзи на „Стемфорд Бриџ“ ќе го пречека Ливерпул во дербито од 21. коло на англиската Премиер лига, а меѓу играчите кои конкурираат за натпреварот нема да биде Лукаку.

Така барем тврди новинарот на „Атлетик“, Дејвид Орнштајн, кој има информации дека менаџерот Томас Тухел одлучил да го изостави напаѓачот од тимот за денешниот натпревар.

Се претпоставува дека на овој начин германскиот стручњак решил да го казни Лукаку за интервјуто кое пред неколку дена го даде за италијанските медиуми.

Во тоа интервју Белгиецот изрази големо незадоволство што не игра редовно.

„Не сум задоволен од ситуацијата и тоа е сосема природно. Тренерот одлучи да игра со друга формација и не смеам да се откажам, треба да продолжам да работам напорно и да бидам професионалец“, изјави Лукаку.

Томас Тухел рече дека не му се допаѓаат зборовите што го кажал неговиот играч:

„Не ми се допаѓаат бидејќи креваат прашина, не ни треба и не ни помага“, вели германскиот стручњак.

Очигледно Тухел решил да му одржи лекција на 28-годишниот напаѓач и го оставил надвор од тимот за големото дерби.

Останува да видиме како тоа ќе се одрази на Лукаку, кој оваа сезона за Челзи постигна седум гола на 18 натпревари.

ПОВРЗАНО

Премиер Лига