Тренерот на РБ Лајпциг, Марко Розе, по ремито против Манчестер Сити во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите истакна дека неговиот тим одиграл две различни полувремиња.
Сити поведе со голот на Махрез во првото полувреме. А бундеслигашот возврати преку Јошко Гвардиола во вториот дел и на тој начин избегна пораз пред реваншот на Етихад.
– Две многу различни полувремиња. Практично не постоевме во првото полувреме. Само ја бркавме топката, бевме многу лоши кога ја имавме. Едноставно не бевме на ниво на Лигата на шампионите. Во вториот дел бевме подобри со топката, подобро го вративме поседот и одигравме како што вообичаено играме – изјави Розе.
Очигледно беше дека домаќинот беше подобар во пресингот во вториот дел, но тренерот на Лајпциг истакнува дека стабилноста во поседот влијаела на таа промена.
– Играчите дојдоа и ми рекоа по мечот дека сме друга екипа во вториот дел кога повеќе ги притискавме. Тоа е точно, но ние можевме да го направиме тоа кога го стабилизиравме поседот. Да го имавме во првото полувреме, можевме да ги притиснеме на нивната половина. Но изгубивме многу први и втори топки и тоа беше разликата.
