Рекламата на стадионот ги вознемири Русите, па една од телевизиите го прекина преносот на дербито од германската Бундес лига меѓу Борусија и Лајпциг во Дортмунд.
Дуелот на двата тима од врвот на Бундеслигата се пренесуваше низ светот, вклучително и на руската телевизија, но на гледачите во оваа земја им беше ускратено правото на пренос поради рекламата на стадионот, што очигледно не им се допадна на Русите.
Ненадејниот прекин на преносот се случи во 13. минута. Меч ТВ реши да го прекине преносот на дербито, а коментаторот на оваа телевизија Игор Китманов најави дека преносот нема да продолжи.
„За жал, мораме да го прекинеме преносот од причини кои се надвор од наша контрола. Се смета дека спортот не треба да се меша со политиката, но Бундеслигата, за жал, не го следи тоа“, вели коментаторот.
Рекламите во близина на теренот вклучуваа огласи за прекин на војната во Украина и поддршка за оваа земја, која Русија ја нападна на 24 февруари и војната се уште трае.
Пред натпреварот во Дортмунд слични пораки се појавија и покрај теренот во Фрајбург, каде во саботата гостуваше Баерн, а Русите го комплетираа преносот, но антивоените пораки во Украина беа цензурирани.
Руската инвазија на Украина трае повеќе од еден месец. Многу спортски организации преземаат чекори за на некој начин да ја казнат државата насилник.
Најболна одлука за Русите беше исклучувањето на нивната репрезентација од меѓународни фудбалски натпревари, поради што нема да бидат на Мундијалот бидејќи не можеа да играат во плеј-офот.