Ливерпул синоќа се пласираше во финалето на Лигата на шампионите откако во одличен полуфинален натпревар го совлада Виљареал со 3-2.
„Црвените“ во првиот меч ги совладаа гостите од Шпанија со 2:0, а вечерва по пресврт триумфираа во Виљареал, па закажаа нова борба за трофејот.
Одличниот тим на Јирген Клоп го чека својот ривал во финалето, тоа ќе го дознаат вечерва по вториот натпревар помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити (3:4).
Мохамед Салах, првата ѕвезда и моментално најдобар играч на Ливерпул синоќа беше прашан од новинарите кого сака во финалето, а тој немаше дилема.
„Ако мене лично ме прашувате, сакам да играм против Реал Мадрид“, одговори Салах.
Можеби Салах сака да му се реваншира на Реал за поразот во финалето на Лигата на шампионите во 2018 година, кога кралевите славеа со 3:1 благодарение на грешките на поранешниот голман на Ливерпул, Лорис Кариус, а во споменатото финале Серхио Рамос го повреди Салах.