Барселона вчера и официјално го претстави Роберт Левандовски како ново засилување.
Каталонскиот клуб успеа да го договори трансферот на полскиот напаѓач кој од Баерн пристигна во Барселона за 45 милиони евра.
Левандовски потпиша тригодишен договор со Барса со опција за продолжување на уште една сезона, а сигурно е дека ќе биде големо засилување за блауграните.
Барселона со недели се обидуваше да го реализира овој трансфер, но Баерн долго време го одбиваше, иако самиот играч јавно кажа дека сака да го напушти клубот бидејќи му треба нов предизвик во кариерата.
Сега кога се е официјално и завршено, се огласи и директорот на минхенскиот клуб Хасан Салихамиџиќ кој призна дека баш и не му се допаѓа начинот на кој Левандовски го напушти Баерн.
Популарниот Брацо изјави дека нема разбирање за ваквото однесување на Полјакот, и дека никогаш во фудбалската кариера не го напуштил клубот на таков начин.
“Немам ни трошка разбирање за однесувањето на Роберт Левандовски. Додека активно се занимавав со фудбалот, секој потпишан договор го следев до крај. Да бев на негово место, ќе останев до крајот на договорот. и внатрешно ќе ги решев работите“, рече Салихамиџиќ.
Јасно е дека во Баерн се уште не можат да жалат за заминувањето на својот најдобар играч, но клубот успеа да донесе фантастична замена за него, а тоа е Садио Мане.