ФУДБАЛ

Само добри вести пристигнуваат за Бензема

Одличниот француски напаѓач Карим Бензема најверојатно ќе потпише нов договор со Реал.

За Бензема овие денови пристигнуваат само добри фудбалски вести, а со оглед на тоа како игра, сè друго би било изненадувачки.

Имено, откако селекторот на француската репрезентација го врати во националниот тим по шест години, денес пристигнуваат информации дека наскоро ќе добие понуда од Реал за продолжување на соработката.

Договорот на Бензема со Реал важи до летото следната година, но добро информираните шпански медиуми пренесуваат дека челниците на клубот ќе му понудат потпис на нов во наредните денови, кој ќе го врзува за Реал до летото 2023 година.

Наводно, не треба да има проблеми со зделката затоа што Бензема и Реал се во одлични односи и потпишувањето нов договор треба да биде само прашање на формалност.

Оваа сезона, одличниот француски напаѓач постигна 22 гола на 33 првенствени натпревари и секако е најдобриот играч на кралскиот клуб.

Бензема пристигна во Реал во 2009 година од Лион чиј дрес го носеше пет години, а со клубот од Мадрид освои се што можеше да се освои.

Три титули во Шпанија, два Купа на Кралот, два Суперкупа на Шпанија, четири Лиги на Шампиони, три Суперкупа на УЕФА и четири титули на Светски Куп на ФИФА.