РАКОМЕТ

Само една екипа од ЕП ќе оди директно на Светското ракометно првенство во 2019

На Светското првенство во ракомет, што следната година ќе се одржи во Данска и во Германија, директен пласман ќе обезбеди само една репрезентација од Европското првенство што е во тек во Хрватска.Претходно беше најавено дека пласман од ЕП ќе обезбедат три репрезентации, поради што и се игра натпреварот за петтото место.

Новиот момент значи дека и првобитните осум бараж дуели на европските селекции за пласман на Светското првенство ќе се зголемат на девет.

Македонија е познато дека е во „шеширот“ на носители заедно со селекциите на: Шведска или Шпанија (една ќе биде директен учесник), Чешка, Хрватска, Норвешка, Словенија, Белорусија, Србија и Исланд, додека потенцијални ривали ни се Австрија, Црна Гора, Унгарија, Литванија, Холандија, Португалија, Романија, Русија, Швајцарија и Босна и Херцеговина.

Директен пласман на СП 2019 имаат обезбедено: Данска и Германија како домаќини, Франција како светски првак. Местото на Европа ќе го пополнат Шведска или Шпанија, како европски првак или пак како најдобропласирана селекција на овој шампионат зад Франција и Данска.

Извлекувањето на двојките за баражот ќе се изврши утре во „Арена Загреб“ со почеток во 16 часот.