ФУДБАЛ

Се чека само раскин на договорот: Барселона го реши проблемот на позицијата напаѓач

Во Барселона напорно работат за да бидат максимално подготвени за јануарскиот преоден рок.

Веќе на сите им е јасно дека каталонскиот клуб е во голема финансиска криза, и дека не може да троши пари и да носи звучни засилувања, иако сега им се многу потребни.

Барселона се обидува на почетокот на јануари да продаде неколку играчи за да собере пари за засилувања, но јасно е дека приоритет ќе им биде доведување слободни играчи или на позајмица.

Каталонските медиуми утринава објавија дека најголем проблем на Барселона во моментов е позицијата на напаѓачот, бидејќи Чави таму го има само Мемфис Депај.

Со Барса се поврзуваат неколку искусни играчи, а на списокот сега е и Единсон Кавани. Уругваецот не е задоволен од својот статус во Манчестер Јунајтед и сака да го раскине договорот, што би било одлична работа за Барселона.

Наводно, Кавани веќе договорил се со Барселона и само чека да го реши проблемот околу договорот со Јунајтед. Шпанските медиуми објавија дека на Кавани му бил понуден договор до летото 2023 година.

Кавани дури се согласи на значително намалување на платата и до крајот на сезоната би заработил 3,5 милиони евра, додека следната сезона би инкасирал четири милиони евра.

Мундо Депортиво објави дека Кавани веќе со едната нога е во Барселона и дека очекува Манчестер Јунајтед да не му прави проблем со раскинувањето на договорот.

Барселона првично беше заинтересирана за Алексис Санчез, кого сакаше да го доведе на позајмица од Интер, но на крајот клубовите не постигнаа договор и ништо нема да се случи.