УЕФА планира да ја заврши сезоната во Лигата на шампионите во август, а елитното натпреварување треба, според шпекулациите, да продолжи со преостанатите реванш натпревари од осмина финалето, на 7 и 8 август.
Еден од реванш натпреварите што треба да се одигра е оној помеѓу Јувентус и Лион, на стадионот „Алианц“ во Торино.
Францускиот тим славеше победа од 1:0 на првиот натпревар на домашен терен и се надева дека ќе може да го нокаутира одличниот италијански тим од Лигата на шампионите. Патем, Лигата на шампионите е единственото нешто што му остана на Лион по паузата на фудбалската сезона во Франција.
Лион остана без место во следната сезона на европските натпреварувања поради одлуката за рано прекинување на првично суспендираната сезона. Единствено што може да го „спаси“ тимот на Руди Гарсија сега е чудесно сценарио во остатокот од сезоната 2019/2020 во Лигата на шампионите.
Сепак, прво треба да се елиминира Јувентус, а во Лион, сите се надеваат дека тоа ќе се случи. Особено падот на торинскиот великан би сакал да го види фитнес тренерот Паоло Ронгони, кој не толку одамна работел во Лацио и Рома.
„Се надевам дека Скудетото ќе замине во рацете на Лацио и дека Јуве ќе игра за место во Лигата на шампионите, откако ја загуби титулата“, изјави Паоло Ронгони за Радио Инкондро Олимпија и продолжи:
„Се надевам дека ќе има голем хаос во нивниот тим и дека ќе им го зададеме последниот удар“.
„Тој сигурно ќе биде во подобра форма по 12 натпревари од нас. Единствено што може да ни помогне е тоа нивните планови да се изјаловат. Тоа би создало внатрешно цунами. Ова е единствената работа што може да ги зголеми нашите шанси“, рече Ронгони.