ФУДБАЛ

Се појави поголем мангуп од Златан: Ибрахимовиќ немоќен, молчеше, страдаше и слушаше што му се зборува

Златан Ибрахимовиќ на фудбалската сцена е повеќе од 20 години.

Од родниот Розенгард, преку Малме, Ајакс, Интер, Јувентус, Барселона, Милан, ПСЖ, ЛА Галакси и Манчестер Јунајтед повторно пристигна во Милано каде минатата сезона ја врати шампионската титула на Италија на Сан Сиро.

Шведскиот напаѓач во светот е познат како голем егоист и нарцис. Во своите изјави тој се споредуваше со Бог, а во поблаги верзии со лавови.

Дури и на фудбалскиот терен е познат како некој кој никому ништо не должи, а често сака прв да напаѓа. Сепак, се сеќава на една ситуација во која морал да слуша што му кажуваат и не можел ништо да направи за да биде онака како што сака.

Покрај Милан, шампионот на земјата од Апенините беше и со лутиот градски ривал Интер. Во 2009 година, Интер ја освои шампионската титула со 10 бода пред Јувентус и Милан. Нероаѕурите на крајот од сезоната имаа 84 бода и сосема заслужено го освоија Скудетото.

Се беше веќе решено, а во натпреварот од 36. коло Интер ја пречека Сиена. Камбијасо го доведе Интер во водство во 44. минута, а во 52. Балотели зголеми на 2:0.

Беше јасно дека Интер ќе забележи уште една победа, а на Златан Ибрахимовиќ не му беше баш желба да игра тој ден, иако беше во стартните 11. На клупата на Интер во тој момент седеше Жозе Мурињо.

По голот на Балотели, Ибрахимовиќ често му сугерираше на Мурињо дека сака промена и бараше од португалскиот тренер да го замени, но тој само го игнорираше.

После тоа Мурињо без да каже збор се обиде да му одржи лекција за тоа кој е главен. Откако по кој знае кој пат побара да го замени, Мурињо само му даде шише вода на Ибрахимовиќ да се освежи.

Потоа во 76. минута уште еден гол на Интер постигна Златан Ибрахимовиќ. Веднаш по постигнувањето на голот, Ибрахимовиќ повторно го погледна Мурињо и побара замена.

Епилог? Две минути подоцна Мурињо реши да ја искористи третата измена со внесување на Паоло Орландони, резервниот голман, со што го замени седум години помладиот Жулио Цезар.

Во преостанатите два натпревари, Интер беше поразен од Каљари (2:1) и ја победи Аталанта (4:3), а Ибрахимовиќ на тие два натпревари постигна три гола.

Тоа навистина му помогна да заврши како најдобар стрелец во Серија А таа сезона со 25 гола, ако се земе предвид дека првите второпласирани, Диего Милито (Џенова) и Марко ди Вајо (Болоња) имаа по 24 гола.

 

ПОВРЗАНО

Серија А