Селекторот на фудбалската репрезентација на Гана, Ото Адо денеска оцени дека мечот со Уругвај на Светското првенство во Катар „нема да биде нормален меч“, поради се што се случи на дуелот на двете селекции во 2010 година.
При резултат 1:1, напаѓачот на Уругвај Луис Суарез спречи топката да влезе во голот во 120. минута од четвртфиналниот натпревар на Светското првенство во Јужна Африка, за што доби црвен картон, но фудбалерот од Гана го промаши пеналот.
Натпреварот отиде до пенали, по што Уругвај се пласираше во полуфиналето, а двете репрезентации повторно ќе се сретнат в петок од 16 часот.
„Сè е прашање на перспектива. Да поминевме тогаш, тоа ќе беше безопасен, нормален потег (на Суарез). За мене тоа не е од големо значење, искрено. Ми се допаѓа тоа што играчот направи се за да помогне на неговиот тим“ , им рече Адо на новинарите во Катар.
Според него, натпреварот в петок „нема да биде нормален“, поради напумпана атмосфера во јавноста и медиумите, но посочува дека за него ќе биде како и секој друг натпревар.
„Сакаме да победиме, сакаме да одиме понатаму. Дури и да не беше репрезентацијата на Уругвај, така ќе беше за нас“, изјави селекторот на Гана.
Дефанзивецот на Гана Томаш Парти истакна дека на натпреварот против Уругвај ќе мора да го следат планот што го договориле.
„Она што се случи пред неколку години засекогаш ќе биде во нашите умови бидејќи тоа е дел од нашата историја, но утре ќе мора да го следиме нашиот план“, посочи тој.
Селекцијата на Гана со три бода е втора во групата Х. Прва е Португалија со шест, а Јужна Кореја и Уругвај имаат по еден.
Победата против Уругвај ги носи во осминафиналето на Светското првенство, како и ремито, освен ако Јужна Кореја не ја победи Португалија.