Планирано е технологијата да започне со имплементација пред паузата поради Светското првенство кое се одржува од 20 ноември до 18 декември.
Италијанската фудбалска лига планира да воведе полуавтоматска офсајд технологија (САОТ) пред паузата поради Светското првенство во Катар, објави Франс прес.
Оваа најава доаѓа по контроверзната судиска одлука на неделниот натпревар од шестото коло на Серија А помеѓу Јувентус и Салернитана (2:2).
Голот на играчот на Јувентус Аркадиуш Милик беше поништен во петтата минута од судиското надополнување по гледањето ВАР, поради офсајд на Леонардо Бонучи.
Снимките по натпреварот покажаа дека Бонучи најверојатно не бил во офсајд. Натпреварот заврши со инциденти и дури четири црвени картони.
Италијанската асоцијација на судии (АИА) индиректно ја призна судиската грешка, во соопштение во кое се вели дека судиите во ВАР-салата немале пристап до поголемата слика на која се прикажани сите играчи.
Употребата на технологија со помош на специјализирани камери моментално е во „фаза на тестирање“ и ќе биде „подготвена за неколку недели“, изјавил за AFP извор кој сакал да остане анонимен. САОТ ќе се применува и на натпреварувањето во Катар, а веќе е воведен во групната фаза од Лигата на шампионите.