Фудбалската федерација на Шкотска, на почетокот на пандемијата на коронавирус, одлучи дека фудбалот нема да се игра во шкотското Премиер лигата најмалку до 30 април.
Ситуацијата во Обединетото Кралство е доста хаотична во однос на ширењето на пандемијата, а заради ова се големи шансите прекинот на спортските натпреварувања да трае подолго од очекуваното.
Први кои реагираа беа Шкотите кои вечерва објавија дека суспендирањето на сите спортски натпреварувања вклучувајќи ја и Премиер лигата е продолжено. Според новата одлука, фудбал нема да се игра во Шкотска барем до 10 јуни.
„Пораката е сосема јасна. Препораките на владата се дека здравјето е најбитно и нема смисла да се започне со тренинзи сега бидејќи не се исполнети условите. Одлуката е да не се игра фудбал барем 10 јуни и ќе продолжи откако ќе се исполнат сите услови“, соопшти ФА на Шкотска.
Што се однесува до ситуацијата во Англија, одлуката за прекин сè уште е до 30 април. Според „ББС“, нема да има дискусија за продолжување на суспензијата на фудбалските лиги се додека не се одржи состанокот на УЕФА закажан за 23 април.