Во третиот натпревар на Медитеранските игри во Оран, македонската машка ракометна репрезентација доживеа убедлив пораз во дуелот против селекцијата на Шпанија со резултат Македонија – Шпанија 22-31 (8:14).
Нашите ракометари добро го отворија мечот, но беа рамноправни само во првите десетина минути од првиот дел кога на момент на два пати имаа предност од 3:2 и 4:3. Потоа Шпанците успеаа целосно да ја преземат контролата и беа во постојано водство и од минута во минута ја зголемуваа предноста за на одмор да заминат со резултат 14:8.
Во почетната фаза од второто полувреме Шпанија ја одржуваше разликата од седум до осум гола, а на половина од продолжението стигнаа и до двоцифрена предност која во еден момент стигна и до единаесет гола. На крајот Шпанците до вториот триумф во групата стигнаа со конечни 31:22.
Најефикасен во македонскиот тим со осум гола беше Мартин Серафимов, а по два пати прецизни беа Иван Џонов, Марко Митев и Костадин Петров.
Утре од 20:00 часот репрезентацијата на Македонија ќе се соочи со репрезентацијата на Турција.