ФУДБАЛ

Што е со спонзорите? Објавени се фотографии од дресот на Челзи за следната сезона

На интернет почнаа да кружат фотографии од дресот на Челзи за следната сезона.

Челзи беше во центарот на вниманието во последните недели поради промената на сопственичката структура по строгите санкции наметнати на Роман Абрамович.

Абрамович беше принуден да го продаде лондонскиот клуб, додека разни спонзори, меѓу кои и главниот, почнаа да им вртат грб на Челзи.

Неодамна главниот спонзор на Челзи, компанијата „Три“ се повлече од договорот и ја прекина соработката.

Но, Челзи се уште игра со своето лого на предниот дел од дресот, што им пречеше на сопствениците на оваа компанија. Утрово повторно се јавија и им дадоа опомена на сините.

„Разбираме дека Челзи има проблем со отстранување на нашето лого од дресот поради проблеми со добавувачите на опрема. Сепак, сакаме да го отстранат нашето лого што е можно поскоро и да најдат решение што е можно поскоро или ќе мораме да воведеме нови одлуки на штета на клубот“ се огласија од компанијата.

Сепак, без разлика на „недоразбирањата“, логото на „Три“ ќе биде на дресот и следната сезона, ако му се верува на специјализираниот портал за изгледот на дресовите на Footy Headlines.

Новиот дрес е традиционално во сина боја, додека јаката е бела со нијанси на тиркизна боја. Грбот е лево, а логото на Nike десно.

 

Челзи и компанијата „Три“ постигнаа договор за соработка пред две години, а лондонскиот клуб според договорот инкасира околу 40 милиони фунти годишно.