Италија не се пласираше на Светското првенство во Катар, па овој период го искористи за пријателскиот натпревар со Албанија кој го доби со 3:1.
Во 90. минута тренерот Роберто Манчини го претстави Симоне Пафунди, офанзивниот играч за врска на Удинезе со 16 години и 247 дена, кој со тоа стана најмладиот дебитант на италијанската репрезентација во последните 100 години.
Фудбал Италија наведува дека поради неговите играчки карактеристики го споредуваат со Лео Меси и истакнува дека е префрлен во А селекцијата откако на пет натпревари за италијанската репрезентација до 17 години постигнал четири гола. Покрај тоа, Пафунди досега одигра само 22 минути за Удинезе во Серија А, во победата од 4-0 над Салернитана.
Пафунди не го собори вкупниот рекорд на италијанската репрезентација. Сè уште му припаѓа на Пјетро Антонио Гавинели, кој имаше 16 години и 97 дена кога играше против Франција (2:2) во април 1911 година. Инаку, Пафунди има договор со Удинезе до 2025 година, а Transfermarkt неговата вредност ја проценува на 1,5 милиони евра.