ФУДБАЛ

Синоќа сите ја чекаа средбата меѓу Меси и Лапорта, а претседателот на Барселона откри што се случило

Лионел Меси успеа да ја освои Златната топка по рекорден седми пат.

Во организација на Франс Фудбал во Париз се одржа доделувањето на наградата за најдобар играч на светот, а Златната топка Меси ја освои по седми пат во кариерата, иако многумина мислеа дека добитник ќе биде Роберт Левандовски.

Меси годинава конечно успеа да дојде до трофејот со репрезентацијата на Аргентина, со која ја освои Копа Америка, која на крајот очигледно го реши изборот за играч на годината.

Аргентинецот беше на церемонијата со семејството, а дури и неговите родители отпатуваа во Париз за да присуствуваат на церемонијата.

На церемонијата беше присутен и претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, а многумина ја чекаа средбата меѓу него и Меси бидејќи не се разделија баш убаво кога Аргентинецот летово го напушти каталонскиот клуб.

Меси во едно неодамнешно интервју изјави дека бил шокиран што не добил нов договор со Барса, како и дека не му се допаѓаат изјавите на Лапорта кој рече дека Меси не размислувал да остане и да игра бесплатно.

Иако сите чекаа на крајот да се сретнат Лапорта и Меси, тоа не се случи, што го потврди и претседателот на Барселона.

“Среќен сум што Лео ја освои седмата Златна топка и му благодарам што ја спомна Барселона во својот говор. За жал, вечерва немав можност да го поздравам. Сепак, пресреќен сум и горд сум на него, Алексија и Педри”, изјави Лапорта.