Луис Фелипе Сколари, кој со Бразил го освои Светското првенство во 2002 година, одлучи да стави крај на тренерската пензија за да го преземе бразилскиот клуб Атлетико Минеиро, со кој потпиша договор до декември 2024 година.
Сколари ја напушти работата како технички директор во Атлетико Параненсе за да се приклучи на клубот Бело Хоризонте, каде што го наследи аргентинскиот тренер Едуардо Кудет. Минатата година го предводеше Атлетико до финалето на Копа Либертадорес, а потоа објави дека се пензионира во ноември, кога ја презеде директорската функција.
Искусниот стручњак ја освои титулата на Мундијалот со Бразил во 2002 година во Јапонија, но беше и селектор кога Бразилците загубија од Германија со 7:1 дома во полуфиналето на СП 2014 година.
Тој ја предводеше Португалија до финалето на Европското првенство во 2004 година и до полуфиналето на Светското првенство во 2006 година, пред да го преземе Челзи, каде издржа седум месеци пред да добие отказ.
На клупско ниво, сега 74-годишниот Сколари уживаше успеси во Бразил и Кина. Со Гремио и Палмеирас ги освои бразилската Серија А и Копа Либертадорес, а со Гуангжу Евергранде ја освои кинеската Супер лига и азиската Лига на шампиони.
Првиот натпревар на Сколари на чело на Атлетико ќе биде гостувањето кај Флуминенсе на 21 јуни. Атлетико е четврти во лигата со 18 бода од 10 натпревари.
