ФУДБАЛ

„Солскјер има голема среќа што се уште е на клупата на Јунајтед“

Фудбалската јавност со нетрпение го очекува расплетот на кризата во Манчестер Јунајтед – многумина очекуваат управата на славниот клуб да му врачи отказ на главниот тренер на тимот, Оле Гунар Солскјер. Свое мислење за ситуацијата даде и поранешниот играч на Арсенал, Пол Мерсон.

Солскјер во медиумите беше означен како главен виновник за негативните резултати на Јунајтед во актуелната сезона, а сето тоа кулминираше со поразот од 5:0 на „Олд Трафорд“ во дуелот со најголемиот ривал Ливерпул. Во вторникот беше потврдено дека Норвежанецот ќе ги предводи „црвените ѓаволи“ во саботниот премиерлигашки дуел со Тотенхем.

„Никогаш не сум видел таков резултат, ништо не може да се спореди со него. Се срамев, не ми беше удобно да гледам. Јунајтед и Ливерпул – тоа е најголемиот натпревар во светот, а тимот на Оле го загуби на тој начин. Не сакам да кажам дека треба да се отпуштат тренерите, но Солскјер има навистина среќа што има уште работа. Тешко дека може да има повеќе среќа. Луѓето можат да кажат што сакаат, но јас знам едно – ако загубите со 5:0 дома од најголемиот ривал, ќе добиете отказ, а така е насекаде во Европа. Доколку Арсенал или Челзи загубија со 5:0 од Тотенхем во неделата, нивниот менаџер повеќе немаше да биде на таа позиција во понеделник. Јунајтед победи на еден натпревар во Премиер лигата од претходните пет – тоа едноставно не е прифатливо. Не знам што се случува во тој клуб“, напиша Пол Мерсон во својата колумна.

„Најмногу ме загрижува тоа што по три години Солскјер не знае кој е неговиот најдобар тим. За големи пари го доведоа Џејдон Санчо, а тој не игра. Долго се бореа да го задржат Пол Погба, а потоа не стартува на најважниот меч во сезоната. Јунајтед не е тим, тоа е група на поединци. Немаат план во играта, по се изгледа постигнуваат голови само ако ’налетаат’. Тимовите се среќни што играат против Јунајтед, а тоа не треба да биде случај“, изјави поранешниот фудбалер.

Пол Мерсон (53) е поранешен напаѓач и тренер, а сега работи како коментатор за британски „Скај Спортс“. Во својата богата кариера настапуваше за Арсенал (од 1985 до 1997 година), а беше играч и на Брентфорд, Мидлсброу, Астон Вила, Портсмут и неколку нисколигашки клубови.

Оле Гунар Солскјер седна на клупата на Јунајтед во 2018 година, прво како привремено решение, а потоа по серијата добри резултати доби повеќегодишен договор. Претходно, 48-годишниот Норвежанец во два наврати го предводеше Кардо Сити како главен тренер, а работеше и во младинските селекции на Манчестер Јунајтед. Тој беше првотимец на „црвените ѓаволи“ од 1996 до 2007 година.

ПОВРЗАНО

Премиер Лига