ФУДБАЛ

Србија ќе ја пречека Англија на стадионче со капацитет од 8.000 места

Политичката нестабилност која во изминатиот период ја потресува Србија остави значително влијание и врз фудбалската репрезентација. Дел од јавноста посочува дека селекторот Драган Стојковиќ, поради отворената поддршка на актуелната власт, е една од причините за промените во организирањето на натпреварите.

Наместо на стадионите во Белград, Фудбалскиот сојуз сѐ почесто ги одржува натпреварите надвор од главниот град. Така, постојат најави дека и натпреварот со Англија, кој е дел од квалификациите и е закажан за 9 септември, ќе се одигра во Лесковац. Иако одлуката сѐ уште не е официјализирана, се споменува стадионот „Дубочица“, кој има капацитет од нешто над 8.000 гледачи.

Одлуката да се игра далеку од белградските стадиони кои собираат и над 35.000 луѓе, и тоа против реномиран противник како Англија, предизвикува бројни реакции. Досега, дури и во услови на протести, натпреварите со силни репрезентации како Шпанија и Австрија се играа на „Маракана“.

Исто така, и дуелот со Андора во јуни ќе се игра во Лесковац, но тоа се смета за очекувано со оглед на тоа што противници од тој калибар тешко можат да привлечат голем број гледачи во главниот град.