Многумина се прашуваат зошто Нејмар не доби шанса да го изведе пеналот при поразот на Бразил од Хрватска.
Маркињос го изведе четвртиот пенал кој мораше да погоди поради претходното промашување на Родриго. Сепак, топката ја затресе стативата, која означи крај на Мундијалот за Бразилците.
Нејмар беше неутешен по поразот, а многумина беа збунети зошто ѕвездата на „кариоките“ не ја презема одговорноста од белата точка.
Сега поранешниот селектор на Бразил Тите објасни зошто Нејмар не добил шанса да го изведе пеналот.
„Требаше да го изведе петтиот и решавачки пенал. Играчот со најмногу вештини и ментални способности треба да го изведе тој пенал затоа што тогаш притисокот е најголем“, изјави Тите.
Во секој случај, Нејмар не доби шанса да го изведе тој удар, а Бразил беше запрен во четвртфиналето на Светското првенство.