Уругвајскиот напаѓач Луис Суарез на лето ќе го напушти Атлетико Мадрид.
Договорот на 34-годишниот фудбалер со актуелниот шпански шампион истекува на лето и тој нема намера да го продолжи, па ќе стави крај на кариерата кога е во прашање настапот во Европа, што и самиот го потврди.
Суарез својата европска авантура ја започна во 2006 година кога пристигна во Гронинген од уругвајскиот Национал, а уште играше за Ајакс, Ливерпул и Барселона, каде Роналд Куман буквално го исфрли од клубот.
Шпанските медиуми објавија дека следна дестинација на одличниот напаѓач ќе биде Интер Мајами, клуб во сопственост на легендарниот поранешен англиски фудбалер Дејвид Бекам.
Исто така, се наведува дека најверојатно повторно ќе ја дели соблекувалната во тој клуб со поранешниот соиграч од Барселона и голем пријател, Лионел Меси, кој летово го засили францускиот ПСЖ.
Како што се наведува, договорот на Меси со ПСЖ истекува во летото 2023 година, а тој како слободен играч треба да се пресели во клуб од Флорида.
Инаку, Лео Меси и Луис Суарез одиграа заедно 258 натпревари во Барселона и си асистираа 99 пати, а приликата за јубилејната стотка изгледа ќе ја имаат во САД.
Кога двајцата беа заедно на теренот, Барселона победуваше во просек по пет од шест натпревари, така што овој тандем дефинитивно ќе биде полн погодок за тимот на Бекам.