Кога ќе кажете трио „МСН“ цел свет знае за што се работи – Меси, Суарез и Нејмар се веројатно најдоброто трио во историјата на фудбалот.
Заедно со Барса ги освоија сите можни трофеи, во периодот од 2014 до 2017 година. Тогаш, за жал, Нејмар реши да се пресели во Пари Сен Жермен во рекорден трансфер од 222 милиони евра.
Сепак, ако погледнеме што направи или не направи таму, тогаш јасно е дека тој трансфер беше голема грешка.
За ова зборуваше и Луис Суарез во интервју во кое се потсети на периодот кога Нејмар замина во ПСЖ.
„Пред да замине во ПСЖ, му реков на Нејмар „ако сакаш да освојуваш повеќе трофеи, остани со мене и со Лео“ Во тој момент Меси беше најдобар на светот, а Нејмар беше втор најдобар веднаш зад него. Беше подготвен да ме слуша мене и Меси и сакаше да остане. Ние како пријатели го советувавме да остане, но неговото семејство реши да ја напушти Барселона “, изјави Суарез.
Тој смета дека триото МСН докажало како ѕвездите можат да работат заедно на теренот.
„Меси и Нејмар ми помогнаа да ја освојам „Златната копачка“ и благодарен сум им за тоа. Тоа беше најдобар доказ дека три ѕвезди можат да играат заедно во еден тим доколку имаат заедничка цел да освојуваат трофеи со тимот и да не ставаат се во преден план“, изјави Суарез.
За време на три заеднички сезони, Меси, Суарез и Нејмар ја водеа Барселона до две титули во Примера, Лигата на шампионите, два Копа дел Реј, шпанскиот и европскиот Суперкуп, но кога Бразилецот реши да си замине, ништо не беше исто…