Фудбалската јавност беше изненадена ова лето кога Барселона реши да го продаде уругвајскиот напаѓач Луис Суарез.
Суарез игра во навистина фантастична форма веќе неколку години и затоа сите беа шокирани кога се одлучи дека Барселона повеќе нема да смета на него. Уругваецот во солзи го напушти каталонскиот клуб и реши кариерата да ја продолжи во дресот на Атлетико Мадрид.
Се покажа како фантастичен потег бидејќи Суарез игра навистина одлично во дресот на клубот од Мадрид. Затоа е сигурно дека Барса жали што го пуштија толку лесно и скоро бесплатно во редовите на директен ривал за титулата.
По повеќе од половина година, Суарез реши да зборува искрено за сè и јасно е колку му беше тешко да ја напушти Барселона, и дека отиде во Атлетико за да им докаже дека сепак може да игра на врвно ниво.
“Мислам дека заслужувам поголема почит од луѓето во клубот кога станува збор за начинот на кој сум информиран дека повеќе не им требам. Затоа решив да дојдам во Атлетико за да им покажам дека сè уште можам да играм на високо ниво. “– рече Суарез и додаде.
“Никој од Барселона не го организираше мојот трансфер во Атлетико. Тоа беше единствено моја лична одлука, тие не знаеја ништо. Тие веќе не ме сакаа во Барса и мислам дека сум на возраст каде што имам целосно право да одлучам каде ќе ја продолжам мојата кариера “.