ФУДБАЛ

Суарез позираше покрај освоените трофеи, а сите веднаш ја забележаа разликата со збогувањето на Ракитиќ

Уругвајскиот напаѓач Луис Суарез денес се прости од Барселона и кариерата ќе ја продолжи во Атлетико Мадрид.

Атлетико доцна синоќа го официјализираше трансферот на Суарез од Барселона, од кој каталонскиот клуб ќе инкасира само два милиони евра. Јасно е дека Уругваецот не сакаше да ја напушти Барселона, но тој беше принуден да го стори тоа затоа што Роналд Куман го отпиша.

Суарез денес се прости од Барселона и соиграчите на прес-конференција на која не можеше да ги сокрие солзите. Ова најдобро покажува колку му било тешко да го напушти клубот и начинот на кој беше протеран.

Дека тој му замери на претседателот Жосеп Бартомеу најдобро покажуваат фотографиите по прес-конференцијата. Имено, Суарез е фотографиран со сите трофеи што ги освои со Барселона во претходните шест години.

Неодамна, кога Иван Ракитиќ го напушти клубот, тој го стори истото, а потоа со него беше Бартомеу. Но, овој пат Суарез позираше со трофеите и шпанските медиуми пишуваат дека не сакал Бартомеу да биде до него, што најдобро зборува за тоа колку се нарушени нивните односи.