Фреди Аду порано беше голема надеж во светот на фудбалот, но овој Американец никогаш не ги оправда очекувањата.
За Аду своевремено беше речено дека е новиот Пеле и дека ќе биде најдобриот играч на светот, но неговата кариера беше далеку од тоа.
Овој фудбалер воодушеви од игрите во дресот на ДЦ Јунајтед и Солт Лејк, а потоа во 2007 година потпиша за Бенфика. Сепак, тој остана во португалскиот клуб само една сезона, а потоа замина на позајмица во Монако.
Но, по таа сезона сето тоа тргна во надолна линија за Аду кој промени многу клубови. По двегодишна пауза, неговото име неодамна повторно се појави во јавноста кога потпиша за шведскиот нисколигаш Остерлен.
Во интервју за локалните медиуми, тој откри дека неговата најголема грешка е што реши да ја напушти Бенфика по една сезона.
“Дојдов во Бенфика истата година како Анхел Ди Марија. Бев многу подобар од него таа сезона и тогаш решив да го напуштам клубот. Ди Марија остана и подоцна отиде во Реал Мадрид, а јас скитав низ светот. Најмногу жалам за тоа. Дека тогаш ја напуштив Бенфика беше грешка во кариерата “, рече Аду.