По елиминацијата од Хрватска, селекторот на Бразил во заминување влезе во полемика со бразилските новинари.
Бурна ноќ за бразилската репрезентација која денеска ја разочара тамошната фудбалска јавност бидејки беа елиминирани од Хрватска веќе во четвртфиналето на Светското првенство во Катар.
Хрватите славеа по изведувањето пенали, бидејќи по продолженијата беше 1:1. Бразилците поведоа во продолжението со голот на Нејмар, се чинеше дека ќе успеат да се пласираат во полуфиналето, но најпрвин Бруно Петковиќ ги шокираше со израмнувачки гол, а на крајот голманот Ливаковиќ повторно блесна во пенал рулетот, па Бразилците ги пакуваат куферите, а селекторот Тите повеќе нема да ја извршува таа должност .
Тите по мечот на прес-конференцијата одговори на критиките на бразилските новинари зошто неговиот тим немаше поголем посед на топката, како и зошто првенствено го замени Винисиус.
”Промените што ги направив, како да ви ги кажам. Го имате Родриго, кој е технички силен, Педро, многу добар во финишот, Алекс Сандро… Го заменив Милитао бидејќи имаше болки и грчеви. Го сменив Пакета поради исцрпеност… Тешко ми е сега да зборувам за било што бидејќи кога ќе примиш гол во последните моменти, а имаш посед, ја имаш топката… Подготвивме 11 шанси, имавме 11 шутеви, а Хрватска само еден. И сега ми кажуваш нешто? Ајде, те молам“, се изнервира Тите.