ФУДБАЛ

Тоа му беше најтешкиот ден во кариерата: „Плачев кога Мојс доби отказ во Манчестер Јунајтед“

Дејвид Мојс беше избран за нов тренер на Манчестер Јунајтед во летото 2013 година, откако Сер Алекс Фергусон се пензионираше.

Фергусон реши да се пензионира на крајот од сезоната 2013, а мислеше дека Мојс ќе биде одлична замена за него.

Мојс претходно мина девет години на клупата на Евертон со кого имаше доста добри резултати поради што многумина сметаа дека нема да му биде тешко во Манчестер Јунајтед.

Но, тој остана на „Олд Трафорд“ помалку од една година и доби отказ по 51 натпревар во сезоната.

Познато е дека во тоа време Мојс донесе неколку звучни засилувања во Јунајтед, а еден од нив беше Маруан Фелаини, кого го зеде од Евертон. Тогаш Јунајтед плати за Белгиецот 30 милиони евра.

Фелаини имаше одличен однос со Мојс и не крие дека му било тешко кога доби отказ во Јунајтед. Белгиецот призна дека дури и заплакал кога слушнал дека Мојс повеќе не е тренер на клубот од „Олд Трафорд“.

“Бев тажен кога тој доби отказ бидејќи знаев колку сака да успее во Јунајтед. Ме донесе во Англија, а потоа ме одведе во Манчестер Јунајтед кој е еден од најголемите светски клубови. Не можам да кажам ништо лошо за него“, рече Фелаини и додаде.

“Ќе бидам целосно искрен и ќе признаам дека заплакав кога слушнав дека е отпуштен во Јунајтед. Мислев дека ќе остане во тој клуб многу години, но тоа не се случи. Отидов во неговата канцеларија да се поздравам и тоа Беше доста тешко и емотивно за мене. Најтешкиот ден во мојата кариера за мене“.

Фелаини играше за Манчестер Јунајтед шест години, а на почетокот на 2019 година реши да потпише за кинески СК Луненг каде што игра и денес.