Францускиот фудбалер Томас Лемар е на излезна врата од Атлетико Мадрид.
Овој 24-годишен фудбалер пристигна во Атлетико летото 2018 година за 70 милиони евра, но сè уште не ги исполни очекувањата. Лемар не се вклопи најдобро во составот на Диего Симеоне и јасно е дека тој не обезбедува игри како порано во Монако.
Веќе некое време се шпекулира дека репрезентативецот на Франција ќе го напушти Атлетико и својата кариера ќе ја продолжи во Англија. Лемар се поврзува со Арсенал и Челзи, но неговиот нов клуб би можел да биде сосема неочекуван избор.
Островските медиуми утрово јавуваат дека Лемар е во сериозни разговори со Волверхемптон и е подготвен да потпише за клубот. „The Sun“ пренесува дека единствената работа е клубовите да се договорат за трансфер, или дали Лемар ќе дојде на позајмица до крајот на сезоната.
Атлетико е заинтересиран веднаш да го продаде, но бараат 60 милиони евра за тоа, што е тешко за некој да плати во јануари.