ФУДБАЛ

Трансфер „бомба“ за самиот крај: Барселона и Јунајтед преговараат за Единсон Кавани

Манчестер Јунајтед утрово потврди дека Кристијано Роналдо се врати во клубот по 12 години, но се чини дека за нив сеуште не е завршен преодниот рок.

Љубителите на фудбалот можеа да уживаат во неверојатниот преоден рок ова лето, но во последниот ден од истиот можеа да добијат големо изненадување.

Имено, многу медиуми во Англија и Шпанија пред неколку моменти објавија дека Единсон Кавани би можел да го напушти Олд Трафорд последниот ден од преодниот рок.

Мундо Депортиво утрово прв објави дека Кавани може да замине одврзан и да дојде во Барселона бидејќи каталонскиот клуб се обидува да доведе напаѓач.

Наводно, челниците на Јунајтед стапиле во контакт со Барселона и им понудиле можност да го доведат Кавани и сега чекаат одговор од каталонскиот клуб.

Со доаѓањето на Роналдо, јасно е дека ќе има жестока конкуренција во нападот, а се чини дека заминувањето на Кавани сега е најверојатно. Покрај тоа, ако Кавани си замине, тогаш Роналдо ќе може да ја добие многу посакуваната бројка седум во Јунајтед.

Шпанскиот новинар Ромеро исто така на Твитер објави дека доаѓањето на Кавани во Барселона воопшто не е лесна работа, но дека преговорите течат добро и дека нема да биде изненадување доколку Уругваецот заврши на „Камп Ноу“.

Летниот преоден рок ни донесе навистина неверојатна возбуда, но се чини дека сеуште чекаме вистинско лудило во последните часови од преодниот рок.