Хуманитарната драма во Украина расте откако Русија нема намера да ја запре инвазијата додека не се исполнат нејзините цели. Досега се раскажани неколку воени спортски приказни, но онаа на 19-годишниот Георги Судаков навистина привлекува внимание. Тренерот на Б тимот на украинскиот великан, Фернандо Валенте раскажа за драмата низ која поминува талентираниот фудбалер на Шахтјор од Доњецк.
„Судаков е најголемиот талент што сум го тренирал во животот, допрва треба да наполни 20 години, играше за А репрезентацијата, а неодамна го продолжи договорот до 2026 година.
Тој е фантастичен човек кој треба да стане татко на девојче заедно со неговата сопруга Лиза“, изјави Валенте.

И наместо да се радува што ќе стане татко, Судаков се крие во бункер со бремената сопруга откако се венчаа во февруари.
„Плачам и се молам за оваа двојка и сите млади играчи кои останаа во Украина и ме правеа среќен во последните две години. Срцето ми е скршено.
„Судак е играч со голем потенцијал, требаше да игра во Манчестер Сити или Барселона. На мојот мобилен телефон чувам фотографија од него и неговата сопруга кога беа среќни“.
Судаков ги мина сите младински селекции на Шахтјор, а оваа сезона забележа настапи и во Лигата на шампионите. Со одлични игри стана и редовен репрезентативец на Украина. Меѓутоа, неговите соништа се згаснале преку ноќ …