ФУДБАЛ

Тренерот кој руши негативни рекорди во Серија А денеска доби отказ

По само три натпревари во новата сезона во Серија А, Еузебио Ди Франческо доби отказ на клупата на Верона.

Верона беше поразена со 1-0 во Болоња во понеделникот вечерта и има три порази на почетокот на сезоната, а на клубот му останува само да му се заблагодари на Ди Франческо и да го замени.

Пред Болоња, Верона беше победена од Сасуоло и Интер, а Ди Франческо во моментов е рекордер со 19 последователни натпревари без победа во Серија А, и како тренер на Каљари и како тренер на Верона.

52-годишниот стручњак не се прослави во Италија во последните години. Пред Рома, тој ги водеше Пескара, Лече и Сасуоло, каде некако остави најмногу траги, а по Рома, тој беше тренер на Сампдорија, Каљари и Верона во кратки епизоди.

Освен Ди Франческо, Верона им се заблагодари и на неговите помошници, па во наредните денови ќе назначи комплетно нов стручен штаб.

Веќе за викендот, оваа екипа има тежок испит, бидејќи ќе биде домаќин на Рома предводена од Жозе Мурињо.

ПОВРЗАНО

Серија А