Македонската фудбалска репрезентација денеска со жрепка во седиштето на ФИФА во Цирих ќе ги добие противниците за потенцијално двата бараж натпревара кои ги делат „црвено – жолтите“ од историски мундијалски пласман и настап на Светското првенство 2022 во Катар.
Македонските фудбалери изборија дебитантски настап во мундијалскиот бараж како второпласирани во квалификациската група Ј и денешната жрепка со почеток од 17 часот ја очекуваат од вториот шешир заедно со репрезентациите на Австрија, Чешка, Полска, Турција и Украина.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски во полуфиналниот бараж ќе играат на гостински терен, а можни противници им се репрезентациите на Португалија, Италија, Шкотска, Русија, Велс и Шведска.
Од вкупно 12-те репрезентации ќе бидат формирани три групи со по четири селекции, со два полуфинални и еден финален дуел во секоја од трите групи.
Полуфиналето е на програмата на 24 март идната година, а последните три билети на Мундијалот во Катар од еврозоната ќе бидат поделени по трите финални натпревари, кои ќе се играат на 29 март.
Светското првенство во Катар е на програмата од 21 ноември до 18 декември идната година, а жрепката за групната фаза е закажана за во април.