ФУДБАЛ

Циркус во Шпанија: Се расипа ВАР, а Барселона доби непостоечки пенал – теренот беше срамно лош

Барселона синоќа направи кикс во третото коло од шпанската Ла Лига, во кое гостуваше кај Рајо Ваљекано во Мадрид, а на овој натпревар, кој заврши со резултат 1:1, беше виден вистински циркус.

Сè започна со срамно лошиот терен што ги пречека фудбалерите на Барселона, а кој шпанските медиуми го нарекоа „мочуриште во сред Мадрид“.

Теренот беше во катастрофална состојба, со уништени и исушени делови покрај аут-линиите и нерамнини што им создаваа големи проблеми на играчите.
Критики за теренот изнесе и играчот на Рајо Ваљекано, Иси Палазон, кој ги откри и причините за проблемот.

„Теренот беше просечен. Поради проблеми со нашиот тренинг-центар, моравме цела недела да тренираме на стадионот и тоа се почувствува. Беше меко, топката не се тркала како што треба. Делуваше како тревникот во мојата градина“, изјави Палазон.

Она што ги налути домаќините беше пеналот што му беше досуден на Барселона во 40. минута од натпреварот, а и тогаш се случи вистински циркус.

Тогаш судијата Матео Бускетс Ферер досуди пенал за Барселона откако Ламине Јамал падна во шеснаесетникот, но таа одлука не можеше да биде проверена бидејќи ВАР-технологијата беше во дефект!

Ферер ги информирал екипите за тоа уште пред почетокот на натпреварот, а подоцна призна дека не требало да досуди пенал за Барселона.

„Судијата ни призна дека згрешил. Тоа му служи на чест како личност, но ние сме немоќни. Кога ќе ви досудат пенал кој не постои, се чувствувате бесно“, изјави Палазон.

ВАР беше во функција дури во второто полувреме, откако надлежните успеаја да го отстранат дефектот во системот.

Исто така, новинарите се жалеа на правливи и запуштени новинарски кабини, а навивачите преку социјалните мрежи споделуваа фотографии од нехигиенски тоалети, создавајќи слика за стадион кој, според зборовите на коментаторите, „припаѓа на минатото“.

ПОВРЗАНО

Ла Лига