Тренерот на Баерн, Томас Тухел изјави дека сака неговиот тим да се бори за трофеи во сите натпреварувања во наредната сезона – Бундеслигата, Купот на Германија и Лигата на шампионите. Германскиот стратег откри дека не му е доста од успеси кога се искачи на врвот на Европа со Челзи во мај 2021 година за првпат во кариерата, но таквото достигнување дополнително го мотивираше.
Тухел истакна дека веќе размислува како би сакал неговиот тим да дејствува во финалето на следната сезона – кога ќе се решаваат трофеите.
„Мислам дека ниту еден тренер кој претходно бил на клупата на Баерн не може да каже дека очекува Баварците да бидат каде било освен на врвот. Сакаме да бидеме шампиони и повторно да се видиме во финалето на Купот, како и да бидеме еден од конкурентите за освојување на Лигата на шампионите. Се чувствував чудно кога станав европски првак со Челзи – работев напорно кон остварување на сонот, кој во тој процес станува јасна цел. Тоа достигнување има изненадувачки мал ефект врз вас кога тој трофеј е во ваши раце“, рече 49-годишниот и додаде:
„Ако некој ми го кажеше тоа порано, навистина ќе бев изненаден. Тоа чувство на исполнетост ме одмина многу брзо. Тоа е добра работа – тоа значи дека сериозно ќе ги сфатам следните предизвици. Моите лични стандарди стануваат уште повисоки и тоа ме мотивира да напредувам понатаму“.
Тухел на клупата на Баерн седна во текот на пролетта, кога управата реши да ја прекине соработката со Јулијан Нагелсман. Клубот од Алијанц Арената на крајот од сезоната стана шампион на Германија по 11-ти пат по ред, бидејќи Борусија Дортмунд со триумф во последното коло пропушти шанса да ја прекине доминацијата на Баварците. Новата шампионска сезона започнува на 18 август, кога избраниците на Тухел ќе гостуваат во Бремен на Вердер Бремен.
Preparations for the Supercup are underway at Säbener ⚽#MiaSanMia pic.twitter.com/5M04iutnvE
— FC Bayern (@FCBayernEN) August 8, 2023
