ФУДБАЛ

Тухел: Направивме да изгледа лесно

Менаџерот на Челзи, Томас Тухел, беше презадоволен од реакцијата на неговите играчи на поразот од Реал Мадрид во Лигата на шампионите (3:1 на домашен терен). Сините го декласираа Саутемптон на гости со 6:0.

„Многу добра игра и заслужена победа. Ова е тешко гостување, но направивме да изгледа лесно. Бевме многу концентрирани со топката и постигнавме одличен резултат. Од стартот делувавме фокусирано и решени да го подобриме впечатокот – бевме опасни и живи во дуелите. Создадовме многу шанси“, изјави Тухел и додаде:

„Сакавме да продолжиме да играме во ист ритам, но имаме уште многу натпревари пред нас, па само малку го спуштивме ритамот во продолжение. Сепак, до крајот игравме со добар менталитет“.

Двоен стрелец беше германскиот фудбалер Тимо Вернер.

„Можеше да постигне повеќе голови. Имаше многу можности. Играше на својата омилена позиција, знаевме дека ќе може да го искористи просторот зад одбраната. На него беше да испрати порака до сите, и тоа го направи“.

Новинарите уште еднаш го прашаа Тухел за поразот од Реал Мадрид со 3:1. Реваншот во главниот град на Шпанија се игра во вторник.

„Сосема поинаков противник и натпревар. Беше неопходно да се заврши работата сега. Добрата вест е што успеавме, а на реваншот со Реал ни претстои тешка работа“.

Германскиот стручњак изјави и дека во петокот не го тренирал Ромелу Лукаку.

„Премногу го болеше.“

Челзи следната недела ќе игра во полуфиналето на ФА Купот со Кристал Палас, а на табелата во Премиер лигата, сините се трети со 62 бода, пет повеќе и натпревар помалку од Тотенхем.

ПОВРЗАНО

Премиер Лига