ФУДБАЛ

Тухел: „Секако дека сум разочаран“

Томас Тухел немаше среќа во својот втор меч на клупата на Баерн, по стартната и голема победа во дербито над Дортмунд. Тој беше елиминиран во четвртфиналето од Купот на Германија откако загуби од Фрајбург со 2:1.

,,Фрајбург постигна два гола од два удари кон голот. Не можам да се сетам дека имаат друга шанса. Имавме добри моменти, но нешто ни недостигаше – конечниот пас, правилната одлука, прецизноста… Тие се бранеа длабоко, а ние не можевме да ги притиснеме цело време“, изјави Тухел и додаде:

„Поведовме, потоа имавме две-три големи шанси, особено онаа што ја пропушти Томас. На крајот, вината за поразот ја имаме само самите ние. Елиминација на домашен терен во четвртфиналето, секако дека е големо разочарување“.

Баерн последен пат го освои Купот пред три години, а напаѓачот Милер беше очигледно разочаран.

„Ние сме испаднати, нема начин да се поправи. Тоа нè боли, бидејќи имавме повисоки цели. Не одигравме лошо и не му дозволивме многу на Фрајбург, но не бевме добри во извршувањето, ни недостигаше прецизност во клучните моменти. Фрајбург е секогаш борбен и вреден тим, не е лесно да се игра со нив“, рече Милер.