ФУДБАЛ

Учесник на Мундијалот можен ривал на Русите во јуни? Брзо реагираа, ФИФА се закани со санкции

Сите руски фудбалски тимови и нејзините клубови се суспендирани од ФИФА и УЕФА.

Русија немаше право на настап во баражот за Светското првенство, а додека трае руската инвазија на Украина нема да има официјални натпревари. Истото важи и за руските тимови кои треба да играат европски натпреварувања.

Во отсуство на официјални натпревари, селекторот Валери Карпин (53) неодамна собра играчи и одиграа еден тренинг натпревар кој руските медиуми го окарактеризираа како „најчудниот“ натпревар во историјата.

Руските медиуми вчера објавија дека Русија ќе одигра пријателски натпревар со Иран на почетокот на јуни, но стигна демант од Иранската фудбалска федерација.

Иранците тврдат дека веќе имаат полн распоред, дека немаат дополнителни планови и дека веќе се подготвуваат за настапот во Катар.

Се верува дека Иранците би биле казнети од ФИФА, која е подготвена да ги казни и сите други доколку прифатат да играат со Русите кои се на „црната листа“, а моментално не постојат за Светската и Европската фудбалска федерација, додека не се стабилизира ситуацијата во Украина каде војната трае повеќе од 50 дена.

Иран беше првата азиска земја која се квалификуваше за Светското првенство оваа година под водство на хрватскиот селектор Драган Скочиќ, кој се најде на мета на критики по неодамнешниот пораз од 2-0 во азиските квалификации од репрезентацијата на Јужна Кореја.