Руската агресија против Украина ја крена фудбалска Европа на нозе.
За еден месец ќе се играат бараж натпреварите за Светското првенство во Катар, а поради војната на истокот на Стариот континент, УЕФА за петок наутро закажа итен состанок на Извршниот одбор.
Главна и практично една тема на разговор ќе биде актуелната ситуација во Украина и какви последици може да сноси Русија.
Како што сега стојат работите, Санкт Петербург сигурно ќе остане без финалето од Лигата на шампионите. Еминентни светски медиуми јавуваат дека УЕФА веќе одлучила за тоа и дека се чека официјална потврда.
Поголем проблем се бараж натпреварите за Мундијалот на кои ќе играат и Украина и Русија, двете земји во војна.
Полјаците веќе го кренаа гласот и најавија дека ќе побараат играта со Русија да се пресели на некој неутрален терен бидејќи немаат намера да играат во Москва.
Победникот од дуелот Русија-Полска треба да биде домаќин на победникот од дуелот Шведска-Чешка. Швеѓаните јасно ставија до знаење дека нема да играат со Русите во Москва.
„Од денес ситуацијата во светот е сосема поинаква. Сите наши мисли се насочени кон Украина и пријателите што ги имаме таму“, изјави Карл-Ерик Нилсон, претседател на Шведската фудбалска федерација.
„Гледајќи ја денешната ситуација, невозможно е да се замисли дека ќе играме натпревар во Русија за неколку недели“, додаде тој.
„Чекаме информации од меѓународните и државните власти и дијалогот меѓу УЕФА и ФИФА. Треба да ги следиме настаните од ден на ден, но сега е незамисливо да се игра во Русија.
Од друга страна Украина ќе игра бараж против Шкотска на гости. Засега нема индиции дека Украинците ќе се откажат од баражот, но доколку ситуацијата се влоши и работите во таа земја се влошат, тоа сценарио не треба да се отфрли.