Европската фудбалска унија (УЕФА) на играчот на Манчестер Сити Ерлинг Халанд му ја врачи наградата за најдобар фудбалер во минатата сезона.
Норвешкиот напаѓач ја доби наградата на церемонијата по ждрепката за групната фаза од Лигата на шампионите во Монако, заедно со неговиот соиграч Кевин де Брујн и поранешниот напаѓач на Барселона и Пари Сен Жермен, Лионел Меси.
Халанд минатата сезона освои три титули со Сити – во Лигата на шампионите, Премиер лигата и ФА Купот и постигна 52 гола на 53 натпревари. Сити оваа сезона во групната фаза од Лигата на шампионите ќе игра против Црвена Звезда, Лајпциг и Јанг Бојс.
Наградата за најдобра фудбалерка отиде во рацете на шпанската играчка и членка на Барселона Ајтана Бонмати.
Пеп Гвардиола, шефот на стручниот штаб на Сити е прогласен за најдобар тренер во машка конкуренција, додека во женска конкуренција наградата отиде во рацете на селекторот на Англија, Сарина Вигман.
Наградата на претседателот за придонес во унапредувањето на фудбалот му беше врачена на поранешниот германски фудбалер Мирослав Клосе.
