Првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин изјави дека до 10 јули ќе биде донесена конечна одлука за можното присуство на навивачите на преостанатите натпревари од Лигата на шампионите и Лигата на Европа.
Двата турнира ќе завршат во формат „Final 4“, во Португалија (ЛШ) и Германија (ЛЕ), а како што стојат работите, натпреварите ќе се играат пред празни трибини.
Сепак, сè уште постои надеж дека барем дел од капацитетот на стадионот каде ќе се играат натпреварите би можел да биде отворен за јавноста.
Чеферин сега истакна дека сè може да се промени пред ждрепката за завршницата на Еврокуповите, што е закажано за следниот петок.
„Ние сме во постојан контакт со португалските и германските власти, а во вторникот разговарав лично со португалскиот премиер“, рече Чеферин за ЕФЕ и продолжи:
„Ние ќе ги следиме сите препораки на надлежните и ќе донесеме одлука наскоро, најверојатно пред ждрепката на 10 јули“.
„Би сакале навивачите да бидат таму, секако, но нема да ја доведеме во прашање безбедноста на сите што ќе учествуваат во финалето, иако е жално да се помисли дека најважниот натпревар на европскиот фудбал би можел да се игра пред празни трибини“, рече Чеферин.
Финалето на ЛШ и ЛЕ е закажано за август.